Дали „Лајка“ ќе ги спаси бездомните кучиња во Скопје?
Приказната за проблемот со бездомните кучиња, нападнати и искасани граѓани не застарува со години. Дали новото претпријатие „Лајка“, заедно со регистарот на домашни миленици и одговорно сопствеништво ќе понудат излез, поради бавното решавање на проблемот страдаат и граѓаните и животните?
Тажните слики на масовно отруени кучиња, како последните од Пехчево и извештаите за каснати луѓе продолжуваат да зборуваат дека од проблемот кој државата не може да го реши страдаат и животните и луѓето. Упатените коментираат дека проблемот со големиот број бездомни кучиња по улиците е индикатор како на нашата зрелост така и на културата на однесување. Во други земји повеќе луѓе да бидат искасани е незамисливо, затоа што таму сите кучиња се згрижени, регистрирани и вакцинирани. Тие велат дека држава која настојува да биде развиена не смее да си го дозволи тоа и не треба да штеди пари за решавање на овој проблем.
Кучињата често се инспирација како на многубројни писатели за нивните книжевни дела, така и на значајни сценаристи за своите филмови со кои израснаа и генерации на скопјани. Денес за жал и покрај тоа има и такви кои се откажуваат од своите миленици кои стануваат бездомници и на крај завршуваат во стационарот „Вардариште“. Стационар за којшто активистите сметаат дека е казна за животните поради лошите услови.
Фотографиите на изгладнети и болни кучиња од транзитниот стационар „Вардариште“ кои граѓаните повремено ги објавуваа на социјалните мрежи во изминатите години, го наметнаа впечатокот дека Скопје е далеку од тоа успешно да го реши проблемот на напуштените животни. Проблемот со бездомните кучиња е честа тема и меѓу граѓаните, но оваа недела е тема и во градскиот совет каде се гласа за основање на новото претпријатие.
Коренот на проблемот е во напуштањето на милениците
Од невладината организација „Анима мунди“ истакнуваат дека проблемот не може да се реши само со отстранување на кучињата од улиците, туку дека неодговорните сопственици во овој момент се најголемата причина за постојаниот пораст на напуштени животни.
Радмила Пешева, член на „Анима Мунди“, дава своја груба проценка и смета дека на улиците во Скопје има околу 6 илјади кучиња кои не може сите да бидат ставени во прифатилиште.
„Ниту едно прифатилиште не може да го реши проблемот, додека изворот на проблемот не се реши, а проблемот е неодговорно сопствеништво. Имаме постојано нови кучиња на улица зашто имаме неодговорни сопственици и општество. Има неконтролирано размножување на кучиња и невозможно е да се стационираат 6 илјади кучиња. Прво е неодржливо да се стационираат 500 кучиња, бидејќи тоа значи 15 илјади евра само за храна месечно. Потребно е програмата „залови, стерилизирај, врати на локација“ да се спроведува ревносно и со голем процент на стерилизирани кучиња, затоа што на тој начин има контролирана ситуација. Од друга страна, да се прават мерки за одговорно сопствеништво и да се контролира кој размножува куче и каде завршуваат“ вели Пешева.
Од Градот потврдуваат дека тие издвојуваат огромни суми на пари за да ги обештетат граѓаните кои биле нападнати од бездомни кучиња. Од таму очекуваат дека со новите решенија што ги планираат, проблемот со кучињата скитници во иднина нема да биде приказна која во Скопје не застарува со години. Со основање на новото претпријатие кое ќе се грижи за проблемот со бездомните кучиња, досегашниот стационар Вардариште преминува под надлежност на градот. Новото претпријатие Градот предлага да се вика Лајка, а со него ќе управуваат и дел од невладините организации, вели Ваљон Салиу, портпарол на Градот Скопје.
„Моментално Вардариште е одговорност на Комунална хигиена, а нивна примарна дејност е сè друго освен третманот на животните, па сакавме да дадеме нов момент и да дадеме на значење на проблемот. Со ова ќе има фокус на вработените кои исклучиво ќе работат на овој план. Ќе можеме во целост да ги имплементираме сите политики“, вели Салиу.
Од Градот ветуваат дека до крајот на март ќе заврши и регистрацијата на домашните миленици и оти тоа ќе придонесе за одговорно чување и нивно ненапуштање од сопствениците.
Во однос на проблемот некои сметаат дека треба да се пресликаат одредени модели кои се применливи во други земји.
Соња Богдановска, активистка која живее во Канада, вели дека освен миленици кои ги шетаат нивните сопственици, во град е несоодветно да се видат глутници на бездомни животни. Таа посочува дека во провинцијата во која живее бездомните кучиња се згрижени во природни средини.
„Во Канада не постојат бездомни кучиња. Сите се вдомени. Во провинцијата каде што живеам се регистрирани 100 илјади домашни миленици. Единствен проблем има во резерватите каде живеат домородните Индијанци, кои имаа голем проблем во последните 20-тина години, но побараа помош од провинцијата како да се справат со бездомните кучиња. Се направија масовни стерилизации организирани од невладините организации кои соработуваа со градот и се направи таа стерилизација каде наталитетот на кучињата потоа се намали многу“, вели Богдановска.
Додека се чека институциите да го решат проблемот без да штедат пари, во Скопје може да се видат и убави примери од граѓани кои станаа синоним за градски јунаци. Тие сами дошле до идеа да ги хранат бездомните кучиња, затоа што додека продаваат, виделе многу скитници, па им било жал и смислиле дел од парите кои ги заработуваат да ги даваат за да обезбедат храна за бездомните кучиња.
На дело сме и ние граѓаните
Во решавање на проблемот со бездомните кучиња, на дело сме и ние граѓаните, вели младата скопјанка, Теона Георгиевска. Таа посочува дека сите ние како индивидуи или како организации и институции треба да ја шириме идејата за одговорно сопствеништво и да се грижиме за нашите најдобри пријатели.
Таа е член на неформална група граѓани кои од пред две години се борат да им помагаат на напуштените животни во Вардариште носејќи им храна и овозможувајќи им дополнителна помош секоја сабота. Теона се надева дека со одвојувањето на стационарот Вардариште од Комунална хигиена и отворањето на посебно претпријатие драстично ќе бидат подобрени условите за бездомните кучиња, пред сè во поглед на грижата за хигиената и исхраната.
„Во Вардариште нема стандарди за одржување на хигиената и моментално владее епидемија од вирус од кој, ако не се третираат, животните во најголем процент умираат. Тие болести се заразни за сите кои не се вакцинирани. Вториот момент зошто започна нашето одење во Вардариште е бидејќи излегоа вознемирувачки фотографии каде животно по две недели престој во стационар е претворено во коска и кожа. Замислата ни е еднаш во неделата, во сабота да се нахранат. Носиме донации од хумани граѓани. Има и доста случаи каде животно по кастрацијата не е сошиено добро и тече крв, па викнавме ветеринар повторно да се сошие оти ќе искрвари“, вели Георгиевска.
Вардариште е казна за кучињата. Дали Лајка ќе ги спаси?
Во стационарот Вардариште во изминатите години се спроведуваа мерки на заловување на кучиња, нивно стерилизирање и вакцинација, по што животните се враќаат на местото на кое претходно биле најдени, односно на улица каде тие навикнале да живеат. Од Комунална хигиена, која стопанисува со Вардариште, се жалеа дека тоа е тешка работа затоа што тие се занимаваат и со многу други дејности, а оти парите што ги добиваат не се доволни за да обезбедат за плата за вработените, за нафта за возилата, за храна на животните итн. Но, од таму посочуваа дека со инспекциските контроли кои биле правени никогаш не биле утврдени неправилности во работата.
Активистите меѓутоа се загрижени и од тоа што има примери каде спротивно од прописите тука се заловуваат и кутриња кои, бидејќи се мали за вакцинација, се подложни на вируси. Воедно се забележува како проблем и тоа што вработените не соработуваат со активистите.
Според зборовите на Теона, новото претпријатие Лајка отвора надеж, но најдобро решение би било да има што повеќе транзитни прифатилишта за уличните кучиња за стерилизација. На тој начин тие би се тргнале од улиците, со што би се намалила опасноста од напади врз луѓе, а истовремено нивните животни услови би се подобриле.
„Ги сликаме животните од Вардариште и ги објавуваме, се со цел да поттикнеме свест за вдомување. Добар чекор е што ќе се одвои стационарот од Комунална хигиена и ќе се отвори засебно претпријатие кое енергијата ќе ја насочи само кон кучињата. Потребно е стационарот да се реконструира и да се смени односот на вработените кон животните и да се отворат уште неколку со цел стерилизација и намалување на животните на улица кои се размножуваат неконтролирано“, вели Георгиевска.
Проблем исто така е и тоа што кучињата кои имаат сопственик често не беа чипирани и заведени, што отвора уште едно сложено прашање за единствена база на податоци која мора да постои на ниво на градот.
Теона порачува дека ако некој земе животно, мора да ги почитува прописите за грижа за животното и да го спречи неговото размножување, ако не знае што да прави со кутрињата. Според неа, неопходна е строга законска регулатива за сопствениците кои тоа не го почитуваат.
„Мора да се воочи дека главниот извор на кучиња на улица се од оние кои чуваат дома животни, ги парат, а потоа малечките ги оставаат на улица или им здосадува миленикот и го оставаат на улица. Треба да има регистар за да има увид кој сè чува животни, за да не може туку така секој да фрла куче на улица, да не се знае кој е, и да не сноси одговорност“, вели Теона.
Истанбул се грижи за десетици илјади бездомни животни.