21 МАРТ – СВЕТСКИ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ
21 МАРТ – СВЕТСКИ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ
Покрај тоа што денес е првиот ден на пролетта, во светски рамки се одбележува и денот посветен на лицата со Даунов синдром.
Лицата со Даунов синдром во текот на својот живот се соочуваат со различни предизвици, но во светот постојат многу примери каде е докажано дека кучињата како миленици имаат голема улога во нивниот развој и напредок.
Не само што им даваат емоционална поддршка и терапевтски влијаат врз нивното здравје, туку им помагаат во градење на навики и чувство за одговорност.
Во соработка со Центарот за младински активизам “КРИК” сакаме да ја споделиме прекрасната приказна за осумнаесетгодишниот Никола Стојановски, лице со Даунов синдром, кој е огромен љубител на кучиња и цел живот е опкружен со нив.
Никола и неговото семејство уште од неговото рано детство чувале куче како миленик, прекрасен лабрадор, кој му помогнал на Никола уште од раната возраст, на само 5 години, да изгради чувство за емпатија, грижа и љубов кон бездомните кучиња.
Растејќи со него, но и грижејќи се за останатите кучиња во своето маало, Никола научил што значи одговорност (да се грижиш за некого, да му даваш редовно вода и храна, да му ги одржуваш крзното и шепите негувани и чисти, да го носиш редовно на прошетки и да му дадеш неизмерна љубов.)
Оваа приказна ни ја сподели неговата мајка, Сузана Стојановска која ни раскажа колку се големи придобивките од тоа да се има куче за миленик и позитивното влијание на кучињата врз развојот на Никола кој секојдневно ужива со нив и со особена љубов се грижи за нив.