Најголем причинител за големиот број на бездомни кучиња низ улиците во Скопје е неодговорното сопствеништво, односно потребата од стерилизација/кастрација на милениците за спречување нивна репродукција, како и масовното напуштање на милениците кое е забрането и казниво по закон. Согласно Законот за заштита и благосостојба на животните во нашата држава став 26, став 2, сопствениците не смеат да ги напуштат домашните миленици.
Сопствениците на кучиња се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти кои се овластени за спроведување на ветеринарна здравствена заштита од јавен интерес во нивното место на постојан престој, со цел да ги регистрираат и идентификуваат, како и да ги исполнат одредбите во однос на здравствената заштита согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство (член 27, став 1, Закон за заштита и благосостојба на животните)
Секој сопственик на миленик задолжително треба да го идентификува својот миленик, односно микрочипира и да ги внесе уредно сите податоци во базата за миленици.
Во изминатиот период во ЈП Лајка се заловени 15 чипирани кучиња на сопственици, кои се уште се наоѓаат во прифатилиштето и покрај тоа што сопствениците се уредно известени и информирани дека милениците им се наоѓаат во прифатилиштето. Игнорирањето и непреземањето не е решение. Кога вдомувате миленик се обврзувате да се грижите за него до крајот на неговиот живот. (Дел од овие кучиња ги имате во прилог на оваа објава).
Од јануари 2022 до денес 19 кучиња со чип кои биле заловени од страната на заловувачките служби на ЈП Лајка, се веќе уредно преземени од нивните сопственици.
Апелираме до сите граѓани да се грижат за своите миленици, напуштањето на милениците не само што е нехуман чин кој претставува сериозен стрес за секое куче, туку истовремено претставува општествен проблем со кој ЈП Лајка сериозно се соочува.
ЈП Лајка до сега има спроведено неколку кампањи за одговорно сопствеништво за подигање на јавната свест за благосостојбата на животните, со акцент на стерилизацијата и микрочипирањето на домашни миленици како една од мерките за спречување на зголемувањето на бројот на кучиња скитници.
Во насока на понатамошна едукација на граѓаните, ЈП Лајка ќе продолжи и понатаму преку различни активности да ја спроведува оваа кампања.