СОВЕТИ И ПРЕПОРАКИ ПРИ ВДОМУВАЊЕ НА КУЧЕ ОД ПРИФАТИЛИШТЕ
Грижата за кучето кое го вдомувате значи многу повеќе од обезбедување храна, вода и дом. Пред да вдомите куче најважно од се е да бидете сигурни и свесни дека вашиот стил на живот ќе одговара и ќе ви дозволи да чувате домашен миленик.
Во таа насока ви даваме практични совети кои ќе овозможат полесно приспособување на новиот миленик во вашиот дом, без да претставува стрес како за него така и за вас.
1.ПРИПРЕМЕТЕ ГО ДОМОТ ЗА ВСЕЛУВАЊЕ НА НОВИОТ МИЛЕНИК.
Обезбедете ги основните работи пред да вдомите куче: околувратник, поводник, храна, садови за храна и вода, чешел, играчки…Преместете ги сите вредни и кршливи предмети на безбедно место. Најдете простор каде ќе може да спие. Во Luna Pet Shop и Liquid Pet Shop можете да пронајдете голем избор на аксесоари, играчки, крекери и се што ви е потребно за вашиот миленик.
2.НАПРАВЕТЕ МУ ДА СЕ ЧУВСТВУВА КАКО ЧЛЕН НА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО
Првите неколку недели на адаптација на новиот миленик во вашиот дом се од исклучителна важност за него, но и самиот сопственик. За да се почувствува сигурно и безбедно, посветете му повеќе внимание. Прво оставете го сам да го истражи и продушка просторот. Можно е да се помочка или покака, не се вознемирувајте околу тоа. Тоа е очекувана реакција кај секое куче во нова средина, може да биде знак на обележување на територија, знак на стрес… Посветете му повеќе време да си играте, галите и гушкате со него, а со тоа да изградите сигурен и близок контакт со него. Следете ги неговите реакции.
3.ДАЈТЕ МУ ВРЕМЕ И ИМАЈТЕ ТРПЕНИЕ
Бидете подготвени дека периодот на адаптација на новото куче во нова домашна средина може да биде процес кој трае одредено време. Особено кога станува збор за вдомено куче од прифатилиште кое било заловено од улица, згрижено привремено во прифатилиште и на крај вдомено во семејство. Оваа транзиција може да биде стресна и шок за самото куче. Некои кучиња биле среќни на улица, некои малтретирани, а трети пак оставени од своите миленици. Затоа мора да бидете свесни дека на секое куче му е потребен различен период на адаптација. Додека некои кучиња се прилагодуваат брзо во новиот дом, на други може да им требаат неколку месеци пред да почнат да се чувствуваат како член на семејството. Затоа не плашете се од нивната реакција. ДАЈТЕ ИМ ВРЕМЕ! Со ваша помош, внимание и љубов, ќе добиете прекрасен миленик од кој нема да сакате да се одвоите. Трпението е клучно и ќе се исплати на долг рок. На вашето куче ќе му треба време да научи да ви верува и да ги разбере правилата на вашиот дом.
НИЕ СМЕ СВЕДОЦИ НА ФАНТАСТИЧНИ ИСКУСТВА СО КУЧИЊА КОИ ОД УПЛАШЕНИ, ИСТРАУМАТИЗИРАНИ, ДЕНЕС СЕ ВЕСЕЛИ, ИГРИВИ, БЕЗГРИЖНИ И СРЕЌНО ВДОМЕНИ ВО СВОИТЕ НОВИ ДОМОВИ.
4.ВОСПОСТАВЕТЕ ДНЕВНА РУТИНА
Кучињата сакаат да следат одредена рутина, а тоа е одличен начин да му помогнете на вашето куче да се чувствува пријатно во својот нов дом. Обидете се да го шетате кучето во исто време секој ден, а редовно одржувајте го и времето за јадење.
5.ЗАПОЗНАВАЊЕ НА КУЧЕТО СО МЛАДИТЕ ЧЛЕНОВИ ОД СЕМЕЈСТВОТО
Кога ќе дојде време да ги запознаете децата со новото куче, важно е да пристапите нежно и полека, за да избегнете вознемирување како за кучето така и за децата. Објаснете им на вашите деца дека треба мирно да седат на троседот и да чекаат кучето да им пријде. Кажете им да седат мирно, без да викаат или да прават ненадејни движења.
6.ПРВ КОНТАКТ НА СТАРИОТ МИЛЕНИК СО НОВОВДОМЕНОТО КУЧЕ
Најдобар и најсоодветен начин за остварување на првиот контакт со други кучиња е на отворено, да ги прошетате каде што има повеќе простор за секое животно да се чувствува безбедно. Оставете ги кучињата да се запознаат меѓу себе, но внимателно следете ги во случај да треба да интервенирате.
7.ИСХРАНА
Kвалитетниот начин на исхрана е еден од факторите кои го одредува животниот век на кучето. Во таа насока препорачуваме да го храните вашето куче со сува (дехидрирана) храна која е богата со протеини, витамини и хранливи состојки. Зависно од тежината на кучето се одредува и дневната количина на храна за него. Предвидената количина можете да му ја дадете поделена на 2 пати во денот или 1 целосно. НИКОГАШ НЕМОЈТЕ ДА ГО ПРЕЈАДУВАЈТЕ КУЧЕТО! ИЗБЕГНУВАЈТЕ ДА МУ ДАВАТЕ ЗАЧИНЕТА, ПРЕМНОГУ МРСНА ХРАНА И БЛАГО! ХРАНАТА СТАВАЈТЕ МУ ЈА СЕКОГАШ ВО САД ЗА ХРАНА,НИКОГАШ НЕ НА ЗЕМЈА! ВОДА ТРЕБА ДА ИМА ПОСТОЈАНО ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ, СЕКАКО СВЕЖА, МЕНУВАЈТЕ ЈА ПО ПОТРЕБА! Нашите соработници и пријатели Goodies Milenicinja.mk, кои ја имаат најдобрата храна за миленици, може да ви помогнат во изборот на соодветна храна за вашиот миленик, прилагодена за неговите потреби.
8.ШЕТАЊЕ И СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА
Искористете ја оваа можност што почесто да го шетате кучето за да се запознаете подобро. Социјализацијата е клучот за среќно и самоуверено куче. Прошетките на отворено ќе овозможат да изгради добар односи со другите кучиња. АПЕЛИРАМЕ ШЕТАЊЕТО НА ОТВОРЕНО ДА БИДЕ СТРОГО СО ПОВОДНИК. При шетање внимавајте што става во својата уста и со какви предмети и храна доаѓа во контакт, поради опасност од отрови кои нажалост се почесто се расфрлаат низ градот.
9.ВЕТЕРИНАРНА ГРИЖА
Многу е важно да се обидете да го навикнете вашиот нов пријател на посети на ветеринар и да практикувате да го носите секогаш кога има потреба од тоа. Не заборавајте да го вакцинирате кучето. Вакцинација претставува една од најдобрите мерки кои може да се превземат со цел превенција од некоја заразна болест. Исто така не заборавајте да му ја ставите ВАКЦИНАТА ПРОТИВ БЕСНИЛО која е законски задолжителна и воедно да го чипирате.
10.ОДРЖУВАЊЕ НА ХИГИЕНА И ГРУМИНГ
Одржувајте го вашето куче секогаш чисто, чистење уши, бањање, сечење нокти, чистење заби, бањање, шишање. Грумингот помага не само да ги одржуваме нашите миленици чисти, туку помага во воочување на знаци на алергии, гребаници, тумури и го намалува ризикот од бактериски инфекции и паразити.
Препорачуваме да му давате апче за прочистување од внатрешни паразити и ампула за прочистување од надворешни на секои 2-3 месеци. Секако како замена за ампула, може да обезбедите различни ремчиња кои овозможуваат повеќемесечна заштита од ектопаразити и индиректно заштитуваат и од лишманија.
Доколку вашиот миленик има потреба од стручен груминг, ви ги препорачуваме Central Bark.

