СРНА ЗАФИРОВСКА, ДЕВОЈКА СО ВИЗИЈА И ИДЕИ ДА НАПРАВИ ПРОМЕНИ ЗА БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ ВО НАШЕТО ОПШТЕСТВО

ЈП Лајка во рамките на својата програма за работа го има вклучено волонтерството, како важен сегмент за едукација и подигање на свеста кај граѓаните за хуман третман на бездомните кучиња, кој воедно претставува и поттик на младите за придонес и извршување на општествено корисна работа во рамките на оваа институција.
Младата и амбициозна, Срна Зафировска, студентка по магистерски студии, насока Компаративно и меѓународно образование на Универзитетот во Минесота, САД аплицираше за програмата за волонтерство во ЈП Лајка. Во текот на изминатите 2 месеци, даде значен придонес во работниот процес во одделението Вдомување (грижа, нега и социјализација на кучињата), а истовремено беше вклучена и во изработка на проект-програма за едукација на деца од 8-10 годишна возраст за благосостојба на бездомни кучиња, која ЈП Лајка има во план да ја воведе како дел од образовната програма во основните училишта во нашата држава.
Идејата да се воспостави предметна настава во школите за хуман третман и благосостојба на бездомните животни е всушност тема на магистерската дисертација на Срна која наскоро треба да ја одбрани во САД.
Срна, која е огромен љубител на кучиња, смета дека една од важните алатки за решавање на проблемот со бездомните кучиња е воведување на предмет или вметнување на неформално образование во македонскиот образовен систем во нашата земја, со цел создавање на идни млади генерации, поемпатични, едуцирани и со поголема свесност за проблемот со бездомните животни со кој се соочуваме секојдневно.
Навистина не радува што постојат вакви млади амбициозни кадри, кои имаат желба да направат промена во нашето општество, притоа пренесувајќи го своето американско образование, искуство и знаење.
“Им препорачувам на сите да волонтираат во ЈП Лајка. Можам со сигурност да кажам дека одлуката да волонтирам во ЈП Лајка беше една од најдобрите одлуки во мојот живот. Како огромен љубител на животни, моја најголема желба е да се воспостави соживот со бездомните животни во нашиот македонски систем, да се подигне свеста кај граѓаните со цел повеќе да се грижиме за нив. Важен дел од моите академски придобивки целат кон воведување на задолжителен предмет во основното образование за благосостојбата на бездомните животни.
Она што особено ми се допадна во оваа институција е флексибилноста и отвореноста за соработка, навистина сум позитивно изненадена и благодарна на можноста да волонтирам во “Лајка”, а со тоа да придонесам за иднината на кучињата преку овој проект.

Волонтерското искуство во оваа институција има навистина големи придобивки во промена на начинот на размислување кај секој човек, особено во пристапот и грижата кон бездомните животни кои не по своја вина се нашле напуштени на улица ” вели, Срна.

Leave A Comment

All fields marked with an asterisk (*) are required