СТОП ЗА ПЕТАРДИТЕ, ВДОМИ КУЧЕ И ПРОСЛАВИ ГИ ПРАЗНИЦИТЕ НА ПОИНАКОВ НАЧИН!
Моментално сме на прагот на празничната сезона која годинава ќе ја прославиме на малку поинаков начин.
Овој празничен период е најстресно време за животните, особено за оние кучиња кои не по своја вина се бездомни и напуштени.
Земајќи го во предвид овој проблем кој се повлекува со годините и истиот претставува сериозна закана и опасност по животот на кучињата, а истовремено поттикнати од реакциите и пријавите на граѓаните, ЈП ЛАЈКА ја започна својата кампања СТОП ЗА ПЕТАРДИТЕ! ВДОМИ КУЧЕ И ПРОСЛАВИ ГИ ПРАЗНИЦИТЕ НА ПОИНАКОВ НАЧИН!
Нашата цел е да ја подигнеме свеста кај граѓаните за опасноста на која сме изложени сите и да го свртиме вниманието кон превентивните мерки во полза на заштита не само на бездомните кучиња, туку и на домашните миленици.
Употребата на петарди и останати пиротехнички средства предизвикува не само физички повреди туку и голем стрес, страв, психички шок, доживотни трауми и неретко смрт од срцев удар кај кучињата.
Апелираме до сите граѓани да ја одбегнуваат употребата на петарди за лична и сечија безбедност.