Тина Петрушевска – Директорка на новото ЈП за бездомни кучиња „ЛАЈКА“

Активистката за заштита на животните Тина Петрушевска ќе раководи со новото јавно претпријатие за бездомни кучиња „Лајка“. Откако на 28 февруари Советот на Град Скопје ја усвои одлуката за формирање на ново јавно претпријатие, градоначалникот Петре Шилегов ја назначи Петрушевска за в.д. директорка на „Лајка“, а како што најави членови на управниот одбор ќе бидат граѓанските активисти и здруженијата.

Денеска Петрушевска имаше средба со градоначалникот Шилегов и директорите на јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје, со кои, во иднина ќе соработуваат за реализација на повеќе проекти за подобрување на условите во стационарот Вардариште.

Ново јавно претпријатие Градот го формираше бидејќи граѓаните и здруженијата за заштита на животните, не беа задоволни од досегашниот третман на бездомните животни. Стационарот во Вардариште повеќе нема да биде во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, туку ќе добие еднаков статус со другите јавни претпријатија кои се занимаваат со комуналните дејности во градот. Новото јавно претпријатие под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на бездомните животни, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани.

„Она што беше лоша слика за стационарот за бездомни кучиња, полека целосно ќе се смени. Претпријатието ќе добива пари од буџетот на Градот како што и досега за оваа намена се префрлале средства на ’Комунална хигиена‘. Но, според планот за работа ќе може и само да се финансира. Ќе нуди услуги за чување на домашните миленици кога нивните газди заминуваат на одмор и нема каде ги остават, а ќе биде отворена и продавница за продажба на производи и храна за миленици“, рече Шилегов на седницата пред усвојување на одлуката за формирање на „Лајка“.

Според новиот концепт кастрирањето ќе го вршат повеќе ветеринарни амбуланти, со кои ќе биде склучен договор и кои ќе се наоѓаат во неколку општини низ Скопје.

Leave A Comment

All fields marked with an asterisk (*) are required