Со цел да им овозможиме дополнителна поддршка на семејствата што ќе одлучат да вдомат куче од нашето прифатилиште, заедно со нашите соработници го прошируваме пакетот поволности што го добива секој вдомувач.
Благодарение на соработката со Bubbly Dog Wash, Skopje Paws, BooBoo Pet Cosmetics, Luna Pet Shop и Градска ветеринарна аптека, секој вдомувач добива ваучери со поволности за производи и услуги наменети за нега, хигиена и благосостојба на новиот член на семејството.
На овој начин сакаме да им го олесниме почетниот период на вдомувачите и да им помогнеме на нашите кучиња полесно да се приспособат на животот во својот нов дом.
Упатуваме искрена благодарност до сите наши соработници што ја препознаа важноста на одговорното вдомување и станаа дел од оваа иницијатива. Со нивната поддршка, вдомувањето не завршува во моментот кога кучето ќе го напушти прифатилиштето – туку продолжува со грижа и поддршка и во неговиот нов дом.
Продолжуваме да ја прошируваме мрежата на партнери и да создаваме уште подобри услови за секое куче од ЈП „Лајка“ што ќе ја добие својата шанса за среќен и безбеден живот.