ЈП „Лајка – Скопје” и Дајмонд мол во заедничка мисија

Јавното претпријатие „Лајка – Скопје и трговскиот центар Дајмонд во Скопје започнуваат хумана и инспиративна соработка, насочена кон промоција на вдомување на кучињата од градското прифатилиште. Во рамките на оваа акција, на големиот електронски билборд на Дајмонд мол ќе се прикажуваат фотографии на дел од кучињата од ЈП Лајка кои бараат свој дом.

Оваа соработка е многу повеќе од простор на билборд. Таа е простор за емпатија, за хуманост, за акција. Преку нејзе испраќаме порака дека секое куче заслужува шанса да биде нечиј миленик. ЈП Лајка и Дајмонд мол со оваа соработка имаат заедничка цел: поттикнување на вдомувањето наспроти купувањето миленици. Преку давањето видливост на овие животни, очекуваме да ја подигнеме свеста кај граѓаните и да поттикнеме создадавање на позитивна промена во односот спрема напуштените кучиња.

Дајмонд мол, како еден од најпосетуваните шопинг центри во градот, ја отвора својата платформа за поддршка на оваа хумана кауза, препознавајќи ја важноста на грижата за животните како дел од пошироката општествена грижа и покажува дека општествената одговорност и хуманоста се силен дел од неговата визија. Доколку барем едно куче добие свој дом благодарение на оваа акција, тоа ќе биде доказ дека малите гестови имаат огромна моќ.

Оваа соработка е повик до сите – да гледаме на кучињата не како на бројки и комунален смет, туку како на пријатели засекогаш.

Вдоми. Спаси живот. Биди дел од промената.

Волонтирај