Со порастот на температурите, ЈП ЛАЈКА апелира до сите граѓани да покажат грижа и одговорност кон милениците, но и кон бездомните животни, кои особено страдаат за време на летните горештини. Вашето внимание може да спаси живот.
Препораки за сопственици на миленици:
Вода секогаш на дофат – обезбедете свежа и чиста вода за вашите миленици во текот на целиот ден.
Сенка и свеж воздух – никогаш не држете кучиња врзани на синџир без пристап до сенка. Тоа претставува малтретирање и е казниво.
Без животни во автомобил! – ниту за „само 5 минути“! Температурата во возило може да порасне до фатални нивоа за само неколку минути, дури и кога надвор не изгледа премногу топло.
Шетајте ги милениците рано наутро или доцна навечер – асфалтот во текот на денот може да биде екстремно врел и да ги изгори шепите.
🔸 Грижа за бездомните животни:
- Оставете чинија со чиста вода пред вашата зграда, двор или продавница – тоа за нив може да значи разлика помеѓу живот и смрт.
- Внимавајте на хигиената – садовите редовно чистете ги и ставете ги на место кое нема да го попречува движењето на пешаците.
- Покажете емпатија – ако видите животно во неволја, известете ја ЛАЈКА или најблиската ветеринарна амбуланта.
Вода за сите живи суштества!
Во духот на солидарност и грижа, повикуваме институциите, угостителските објекти и граѓаните да поставуваат садови со вода на јавни површини – но со совесно одржување на ред, хигиена и почит кон заедничкиот простор. Летото е време за уживање, но и за одговорност. Грижата за животните не е само хуманост – таа говори за нас како заедница.