Неколку дена по масовното труење на кучиња и мачки во Кисела Вода, деца во Расадник пронајдоа расфрлана салама со бела прашкаста материја, во близина на детско игралиште.
По пријава од загрижените родители, ЈП Лајка ја достави храната на токсиколошка анализа во Институтот за судска медицина, а резултатите потврдија дека станува збор за метомил (ланате) – високо токсичен инсектицид забранет за продажба и увоз во Македонија и во земјите на ЕУ.
Потенцираме дека со ова не се загрозува само животот на животните, туку и на граѓаните, а особено на децата. Расфрлањето отрови на јавни површини претставува сериозна опасност по јавното здравје и е кривично дело. Во современите држави злоупотребата на вакви пестициди се третира како еколошки криминал и сериозна опасност по јавното здравје.
Апелираме до граѓаните, доколку забележат расфрлана сомнителна храна на јавни места, да не ја допираат без заштитни ракавици, да ги оддалечат децата и животните и веднаш да пријават во МВР и во ЈП Лајка.

