ЈП „Лајка“ со над 75% повеќе заловени и третирани кучиња во споредба со минатата година

Повеќе кучиња опфатени со хуман третман, повеќе активности на терен и значително зголемен обем на работа. Ова се резултатите што ги бележиме во ЈП „Лајка“ во 2026 година, со особено изразен раст во последните седум месеци.

Во првите десет месеци од годинава, нашите екипи заловија 1.285 кучиња, спроведовме 1.084 ветеринарни третмани и вдомивме 310 кучиња. Во споредба со истиот период минатата година, тоа се 440 повеќе заловени, 362 повеќе третирани и 23 повеќе вдомени кучиња.

Најголемиот раст го забележавме во периодот од април до октомври, кога бројот на заловувања се зголеми за 75%, а бројот на ветеринарни третмани за повеќе од 76%. За овие седум месеци заловивме 1.014 кучиња, наспроти 580 во истиот период лани, додека ветеринарен третман добија 852 кучиња, наспроти 483 минатата година.

Зад овие бројки стои секојдневната работа на нашите теренски екипи, ветеринарниот тим и сите вработени кои се грижат за кучињата во прифатилиштето. Особено важно е што зголемениот обем на работа го постигнавме со постојниот број вработени и без проширување на капацитетите на претпријатието.

Сепак, свесни сме дека колку и да се зголемува бројот на заловени и третирани кучиња, проблемот со бездомните кучиња не може долгорочно да се реши без одговорно сопствеништво.

Затоа, уште еднаш апелираме до сите сопственици да ги микрочипираат и регистрираат своите миленици, да не дозволуваат неконтролирано размножување и, пред сè, да не ги напуштаат своите кучиња. Микрочипирањето е законска обврска, но и важен начин за идентификација и враќање на изгубените миленици кај нивните сопственици.

Резултатите што ги постигнуваме се важен показател за напредокот во нашето работење, но нашата цел не е само да заловуваме и третираме повеќе кучиња. Нашата цел е да придонесеме кон тоа сè помалку кучиња да завршуваат на улица.

Продолжуваме со истата посветеност, со систематска работа на терен и соработка со граѓаните, затоа што долгорочното решавање на проблемот со бездомните кучиња е заедничка одговорност.

Волонтирај