Во текот на оваа недела, нашите екипи заловија шест кучиња од населеното место Јурумлери, по пријава од граѓани за настаната хаотична и небезбедна состојба. Според пријавата, едно од кучињата било женка во репродуктивен циклус, додека останатите пет биле мажјаци кои ја бркале по дворови и улици со цел парење, со што директно се загрозувала безбедноста на жителите, но и самите животни.
По нивното заловување, за поголем дел од кучињата се јавија граѓани кои тврдат и приложуваат докази дека се нивни сопственици. Сепак, од вкупно шест кучиња, само едно било микрочипирано, што уште еднаш ја потврдува сериозноста на проблемот со неодговорното сопствеништво.
Овој случај претставува екалантен, учебникарски пример за тоа како неодговорното чување на миленици директно придонесува кон неконтролирано размножување на кучиња по улиците на Скопје и создавање ризични ситуации за граѓаните, особено за деца, постари лица и лица со страв од животни, како и за самите кучиња кои се изложени на повреди, сообраќајни незгоди и стрес.
Согласно важечката законска регулатива, одговорното сопствеништво подразбира задолжително микрочипирање и регистрација на кучето, редовна вакцинација, обезбедување соодветни услови за чување и спречување неконтролирано движење на јавно место. Напуштањето на животно, дозволувањето слободно движење без надзор и непочитувањето на овие обврски претставуваат прекршување на законот и се предмет на санкции.
Сакаме да појасниме дека, согласно нашите законски надлежности, сме одговорни за секое куче кое ќе се најде на јавна површина, без разлика дали станува збор за бездомно или сопственичко куче. Во случаи кога на јавна површина ќе бидат заловени кучиња кои имаат сопственици, ЈП Лајка е обврзана да постапува и да ги преземе кучињата, а согласно важечкиот ценовник за работа, принудена е да наплатува услуги кон неодговорните сопственици чии кучиња биле затекнати и заловени надвор од приватен имот и без соодветен надзор.
Апелираме до сите сопственици на миленици да постапуваат одговорно и законски, бидејќи секое спротивно однесување има директни последици врз јавната безбедност и врз системот за хумано справување со популацијата на кучиња. Проблемот со бездомните животни не започнува на улица – тој започнува во дворовите и домовите каде што не се презема одговорност.